БРИСЕЛ (АА) - Шерифе Четин / Хасан Есен -
Еден од сторителите на атентатот врз Оздемир Сабанџи, терористката Фехрије Ердал, на 23. годишнина од атентатот, сѐ уште е во бегство, и покрај тоа што во нејзино отсуство ѝ беше изречена затворска казна од 15 години.
Сѐ уште не се знае каде се наоѓа Ердал, која е една од извршителите на убиството на три лица, меѓу кои и на раководителот на „Сабанџи холдинг“, Оздемир Сабанџи, извршено на 9 јануари 1996 година. Таа се наоѓа на сината листа на обновената листа за барани лица поради тероризам.
- Првата казна е за кривичните дела извршени во Белгија
Терористката Ердал, по атентатот врз Сабанџи избега од Турција, а во 1999 година беше фатена со фалсификуван пасош на име „Неше Јилдирим“, по пожарот кој избувна во нејзината куќа во градот Кноке во Белгија.
Ердал е осудена под обвинение за „лидер на банда“, и доби затворска казна од една година, за потоа казната да премине во домашен притвор, од каде избега во 2006 година.
Два дена по бегството на Ердал, Кривичниот суд во Бриж, на 28 февруари 2006 година на Ердан во нејзино отсуство ѝ изрече затворска казна од 4 години и донесе одлука за лишување од граѓанските права во период од 10 години. Апелациониот суд во Гент на 7 ноември 2006 година ги потврди овие казни.
Судот во Бриж во рамките на истиот судски случај, DHKP-C го опиша како терористичка организација, со што оваа организација се официјализираше во белгиското судство.
Во тие рамки, осудените осомничени во Белгија беа обвинувани поради кривичните дела како користење фалсификувани документи за идентификација, поседување оружје и експлозив, зачленување во терористичка организација, планирање терористички активности и собирање рекет.
Барањето на Турција за екстрадиција на Ердал беше одбиено од страна на Белгија поради тоа што во тој период во правосудниот систем во Турција постоеше смртна казна, а во исто време го одби и барањето на оваа терористка за политичка азил.
Во 2007 година Врховниот суд на Белгија, по барање на обвинетите, меѓу кои и на Фехрије Ердал, ја откажа одлуката на Судот во Бриж, според која сите притворени или осудени терористи, се припадници на DHKP-C во Белгија.
Одлуките за лицата во бегство, меѓу кои за Ердал, се откажани со образложение дека е направена судска грешка.
Во февруари 2008 година, Апелациониот суд во Антверпен, во одлуката што ја донесе, не ја опиша DHKP-C како терористичка организација. Овој суд одби да ги земе предвид активностите на терористите, меѓу кои и на Ердал, како и на организацијата во која се членови надвор од Белгија, додека обвинетите ги осуди само за поседување оружје и фалсификувана идентификација.
Во тие рамки терористката Ердал беше осудена на условна затворска казна од две години и парична казна од 1.230 евра. Но Врховниот суд на Белгија ја откажа оваа одлука на Апелациониот суд во Антверпен по спротивставувањето на Федералното обвинителство на Белгија.
Врховниот суд потоа DHKP-C ја нарече „терористичка организација, криминална организација и банда“, и истакна дека оваа терористичка организација, како и нејзините членови, можат да бидат судени во Белгија и за кривичните дела извршени надвор од оваа земја, оставајќи му го на Апелациониот суд во Брисел предметот на повторно судење.
По одлуката на Врховниот суд, Апелациониот суд во Брисел во 2009 година започна ново судење против припадниците на терористичката организација DHKP-C. Овој суд донесе одлука дека DHKP-C не извршила терористички активности во Белгија, и според тоа, издаде налог, според кој поединците ќе добијат казни според извршените кривични дела.
Во тие рамки, Судот на Ердал во нејзино отсуство ѝ изрече затворска казна од две години поради извршените кривични дела.
- Затворска казна по 21 година од атентатот
Судот за тешки кривични дела во Бриж на 25 мај 2016 година, 20 години по извршениот атентат, донесе одлука за судење на Ердал во Белгија за кривичните дела кои ги извршила во Турција.
Обвинителот побара отежната затворска казна од 30 години за убиството извршено во Турција, како и дополнителни 15 години безбедносни мерки.
Судскиот процес заврши во февруари 2017 година, во отсуство на Ердал.
Судот за тешки кривични дела во Бриж на припадничката на DHKP-C, Ердал, во нејзино отсуство ѝ изрече затворска казна од 15 години поради извршените кривични дела во Турција, и лишување од цивилните и политичките права во период од 10 години. Судијата побара Ердал веднаш да се притвори.
- Атентатот врз Оздемир Сабанџи
Бизнисменот Оздемир Сабанџи, генералниот директор на „TOYOTASA“, Халук Ѓорѓун и секретарката Нилѓун Хасефе, на 9 јануари 1996 година беа убиени во „Истанбул Сабанџи центар“ од страна на терористите на DHKP-C. Откриено е дека убиствата се извршени од страна на Фехрије Ердал, Исмаил Акол и Мустафа Дујар.
Мустафа Дујар беше фатен и ставен во затвор, а во 1999 година беше убиен за време на бунт во затворот. Фехрије Ердал и Исмаил Акол успееја да избегаат. Акол беше суден и ослободен во Грција, а во 2016 година беше фатен додека на илегален начин се обидувал да влезе во Турција, и беше затворен.
Сѐ уште не се знае каде се наоѓа терористката Ердал на која ѝ е изречена затворска казна во нејзино отсуство.