Onur Usta
19 Март 2016•Ажурирај: 20 Март 2016
ПАРИЗ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казенев, денес во Париз изјави дека акцијата во кој е ранет терористот Салах Абдеслам е значаен удар за терористичката организација ДАЕШ во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Абдеслам, кој се сомничи за поврзаност со терористичките напади во Париз, изведени на 13-ти ноември минатата година, ранет е вчера во Брисел.
„Ја добиваме војната која ја водиме против тероризмот. Салах Абдеслам ќе одговара пред француските правосудни органи за она што го стори. Оваа акција е значаен удар за терористичката организација ДАЕШ во Европа”, рече Казенев по состанокот на Советот за безбедност одржан во Париз.
Казенев додаде дека Абдеслам наскоро ќе биде донесен во Франција каде што ќе му се суди. Покрај тоа, министерот додаде дека истрагата против десетте лица за кои постои сомнение дека се поврзани со тероризмот сè уште трае.
„Од нив, осуммина се наоѓаат во Белгија, а две во Франција. Во различни акции кои се водат од почетокот на годината до денес, испитани се 74 лица за кои е утврдено дека се поврзани со тероризмот”, рече Казенев.
Во неколку напади кои беа изведени на 13-ти ноември 2015 година, загинаа 130 лица, додека 350 беа повредени. Одговорност за нападот презеде терористичката организација ДАЕШ.