АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, истакна дека Турција прави и ќе направи сѐ за да не се нанесе штета на животот или на имотот на ниту еден цивил во Сирија, вклучувајќи ги и Курдите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција прави и ќе направи сѐ за да не се нанесе штета на животот или на имотот на ниту еден цивил во Сирија, вклучувајќи ги и Курдите“, рече Калин на прес-конференција во Анкара.
Прес-конференцијата дојде по средбата која се одржа денес меѓу турската делегација, предводена од Калин и американската делегација, предводена од советникот на Советот за национална безбедност, Џон Болтон, во турскиот главен град Анкара.
Калин нагласи дека аргументите како „Кога ќе влезе Турција, ќе ги масакрира Курдите, на Курдите ќе им се нанесе штета“, се пропаганда на терористичката организација ПКК.
Претходно Турција, вклучувајќи го и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган, реагираа против изјавите на Болтон кој за време на една посета на Израел истакна дека САД нема да ги повлечат трупите од североисточниот дел на Сирија сѐ додека Владата на Турција не гарантира дека нема да ги напаѓа „курдските борци“, алудирајќи на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
„Турција е земја која покажува најголема чувствителнпст во насока на осигурување на безбедноста на животите и имотите на цивилите, пред сѐ на Курдите. Но никој да не очекува дека Турција ќе ѝ даде гаранција на терористичката организација или ќе ја легализира со различни образложенија“, нагласи Калин.
Калин го потврди ставот на Турција дека терористичката организација ЈПГ/ПКК не треба да се поистоветува со курдскиот народ во Сирија.
„Сите ние, пред сѐ нашиот почитуван претседател (Ердоган) реагиравме против тоа да се поистоветуваат Курдите од Сирија со терористичката организација ПКК и нејзините ограноци во Сирија, ЈПГ и ПЈД, и да бидат користени во иста реченица како да се исти. На денешната средба истакнавме дека тие треба јасно да се одделат едни од други“, додаде Калин.
Калин истакна дека антитерористичките операции на Турција досега беа со цел осигурување безбедност на курдскиот народ.
Калин информираше дека за време на средбата со американската делегација разговарале за повлекувањето на војнициите на САД од Сирија и собирање на сето оружје.
„Нема да дозволиме периодот на повлекување да биде простор за нова можност за ниту една терористичка организација, вклучувајќи ја и ПЈД/ПКК. Нашето основно очекување е да се собере и целосно да се уништи тоа оружје, да се земе од рацете на терористичките елементи на ПЈД/ЈПГ и тие да се неутрализираат. Не прифаќаме друга алтернатива, освен тоа“, нагласи Калин.
„Ние со секого вршиме координација, но од никого не земаме дозвола“, додаде тој.
Калин нагласи дека претседателот на Турција, Ердоган, немаше дадено збор за потврден состанок со Болтон, и дека на средбата со американската делегација на дневен ред не дојдоа прашањата за формирање на тампон-зона, мапа или прашање за граничната линија.
„Дојдовме до точка од која се надминуваат заедничките патроли. Потребно е припадниците на ЈПГ во потполност да се повлечат и Мунбич да им се предаде на локалните елементи“, додаде портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин.