Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
15 Ноември 2022•Ажурирај: 16 Ноември 2022
БАЛИ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денес во рамките на самитот на Г-20 во Индонезија изјави дека „борбата против тероризмот е заедничка борба“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Особено е важно сите да се собереме, да се обидеме да спречиме такви напади, да соработуваме на разузнавачко ниво“, рече Мишел на прес-конференција во Бали, одговарајќи на прашање на новинарот на АА за смртоносниот терористички напад на улицата Истиклал во Истанбул која се случи на 13-ти ноември.
Шест лица загинаа, а 81 се повредени во експлозијата која во недела се случи на улицата Истиклал во Истанбул. Полицијата во текот на ноќта ја уапси припадничката на терористичката организација ПКК, која призна дека нападот го извршила по наредба на центарот на терористичката организација во Кобане, Сирија.

Претседателот на Европскиот совет истакна дека ЕУ има „многу силна позиција“ и сака да соработува во борбата против тероризмот.
Мишел додаде и дека за време на самитот не е планирана средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Запрашан за можноста за натамошна ескалација на војната во Украина, европскиот функционер рече дека „Русија одлучила да ги користи храната и енергијата како оружје за масовна дестабилизација“.