Bojana Stojanovic
24 Април 2018•Ажурирај: 24 Април 2018
БЕЛГРАД (АА) - Белгискиот премиер, Шарл Мишел, денеска во Белград изјави дека на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му изнел нови предлози за спроведување на Бриселскиот договор, како и за можните понатамошни постапки, јавува Anadolu Аgency (AA).
На заедничката прес-конференција, Мишел, а ниту Вучиќ не изнесоа детали за овие предлози, бидејќи Мишел, дури по враќањето во Брисел, ќе ги изнесе своите ставови и мислења на своите колеги.
„Кога ќе се вратам во Брисел, ќе ги споделам со колегите сите тие мислења и ставови, но и можните постапки, и ќе разговараме и за Заедницата на српските општини, бидејќи тоа е нешто што мора да се работи“, рече премиерот на Белгија.
Тој рече дека ќе разговараат за тоа и во Брисел, со цел Европската Унија да дејствува поактивно и да најде постабилно решение.
Како што наведе тој, разговорот со Вучиќ му овозможил значително да види дека Белград ги разбира и ги толкува ставовите во врска со спроведувањето на Бриселскиот договор.
Вучиќ рече дека не може да каже ништо повеќе од Мишел за овие предлози, додека тоа не биде дел од политиката на ЕУ, и додека некои други фактори не бидат согласни со тие предлози.
„Разговаравме за европскиот пат и најважна тема е тоа дека имаме најголема пречка на патот кон ЕУ, а тоа е договор кој треба да се постигне со Приштина“, рече Вучиќ.
Тој потврди дека ова е тешко прашање за Србија, додавајќи дека на Мишел му кажал оти Србија е подготвена за компромисни решенија.
Вучиќ, исто така, изрази надеж дека ќе има повеќе состаноци во врска со решавањето на прашањето за Косово и Метохија, бидејќи тоа е прашање на иднината. Со тоа се согласи и премиерот на Белгија, кој рече дека е неопходно да се справат со тешки прашања, и дека е потребна политичка одговорност за решавање за тие прашања.
Тие двајцата разговараа и за регионалната стабилност.
„Вие сте клучен фактор затоа што ја носите важноста на регионалната димензија. Вие сте исклучително важни за Европа и за иднината на ЕУ“, рече Мишел, оценувајќи дека разговорите со Вучиќ биле плодни.
Премиерот на Белгија претходно се состана и со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.