ГОСТИВАР (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), денеска со пригодна церемонија во Гостивар, на Државната болница „Д-р Ферид Мурад“ ѝ донираше две возила за брза помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Доделувањето се одвиваше во дворот на Државната болница, а на церемонијата присуствуваа амбасадорката на Република Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, потсекретар на Министерството за здравство на Република Македонија, Владимир Милошев, координаторот на ТИКА-Скопје, Ајтекин Ајден, градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и вработени во болницата.
Пред церемонијата на доделување на возилата, свое обраќање имаше амбасадорката Кара, која истакна дека човечкото здравје е едно од најважните нешта, додавајќи дека во човековата борба за опстанок, здравјето доаѓа пред сѐ.

Амбасадорката Кара истакна дека и во претходните средби со претставниците на Општината, била информирана дека во Гостивар постои недостаток на возила за брза помош и добила барања во таа насока. „Ние, како стара земја-пријател, веднаш се ангажиравме на тоа поле за нашата пријателска земја Македонија“, рече амбасадорката Кара.
Потсетувајќи дека ТИКА секогаш има сериозни инвестиции на полето на здравството во светот, амбасадорката Кара рече дека во таа насока, ТИКА ѝ доделила две амбулантни возила на Државната болница во Гостивар.
Додавајќи дека Турција секогаш е покрај народите од регионот, амбасадорката Кара изјави: „Во Клиничката болница во Скопје, ТИКА го опреми Детското одделение за интензивна нега, но тоа сѐ уште не е отворено. Добивме прекрасно одделение за интензивна нега на децата. Посакувам нашите деца што поскоро да оздрават во тоа одделение. Сите работи се завршени и свеченото отворање на ова одделение е дел од програмата на почитуваниот претседател на Турција (Реџеп Таип Ердоган) за време на неговата посета на Македонија, со што Македонија ќе добие прекрасно одделение за интензивна нега за деца. Би сакала уште еднаш да ѝ се заблагодарам на ТИКА.“

Координаторот на ТИКА-Скопје, Ајтекин Ајден, истакна дека во Гостивар се дојдени со цел на Општината да ѝ донираат две амбулантни возила опремени со медицинска опрема и уреди. „Би сакал да истакнам дека во име на Република Турција и на турскиот народ, на Државната болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар предаваме две медицински возила за брза помош во кои, освен операции, ќе можат да се изведуваат сите медицински интервенции“, рече Ајден.
Додавајќи дека претходно ТИКА учествувала и во изградбата и опремувањето на општината Пласница, координаторот Ајден истакна дека сите овие донации се со цел општините на еден полесен и поефикасен начин да им ги пружаат своите услуги на своите жители.
Градоначалникот на Гостивар, Таравари, кој пред ја преземе сегашната функција, беше министер за здравство на Република Македонија, изјави дека негов прв проект како министер, била заедничката работа со ТИКА околу опремувањето на Одделот за итни интервенции при Детската клиника во Скопје.

Таравари потсети дека уште при првата средба со амбасадорката Кара упатил барање за набавка на две возила за брза помош за потребите на Државната болница во Гостивар, додаде: „Денеска добивме донација од две амбулантни возила. Се надевам дека и во иднина ќе продолжат добрите релации меѓу општината Гостивар, ТИКА, амбасадата на Турција во Македонија и Република Турција“.
Владимир Милошев, потсекретар на Министерството за здравство на Република Македонија ѝ се заблагодари на ТИКА за генералното определба на оваа агенција за подобрување на здравствените услуги во Македонија, додавајќи дека соработката ќе продолжи и во иднина.
Јакуп Јакупи, директор на Државната болница во Гостивар нагласи дека донираните амбулантни возила се опремени со најмодерна медицинска опрема, додавајќи дека со овие возила, сите пациенти на најпрофесионален начин ќе бидат префрлени до болницата.

По завршувањето на церемонијата, делегацијата го посети Детското одделение и на децата им подели подароци.
Болницата „Д-р Ферид Мурад“ има капацитет од 150 легла и одделение за хирургија, внатрешни болести, детски болести, неврологија, гинекологија, епидемиологија, трауматологија и дерматологија. Во Болницата годишно се лекуваат 3.000 пациенти во одделенијата со легла и 40.000 во амбулантите.
Покрај тоа, ТИКА во 2017 година учествуваше во изградбата и опремуваањето на двокатната зграда на Општина Пласница. Опремени се 12 работни канцеларии, салон за состаноци и заеднички простор, со 32 компјутери, 1 сервер за складирање на податоци, ласерски печатар, 2 фотокопир-принтер-скенер апарати, поставена е телефонска централа со 30 безжични канцелариски телефони, контролен систем за влез и излез на персоналот во Општината и видеосистем за обезбедување на објектот.