Fatih Hafız Mehmet
24 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Високите претставници на Европската Унија (ЕУ) денеска го потпишаа Договорот за Брегзит, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Твитер објави дека го потпишал договорот заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
„Нештата неизбежно ќе се променат, но нашето пријателство ќе остане. Започнуваме ново поглавје како партнери и како сојузници“, додаде Мишел.
Фон дер Лејен исто така преку Твитер соопшти дека сега договорот е отворен за ратификација од страна на Европскиот парламент.
Се очекува Европскиот парламент да гласа во врска со договорот на 29 јануари.
Предлог-законот за повлекување од ЕУ, што ќе го овозможи излегувањето на Велика Британија од Блокот на 31 јануари, вчера стана закон во Велика Британија, откако доби кралска согласност од кралицата Елизабета.
Според законот, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 јануари, кога ќе започне транзицискиот период кој истекува на 31 декември 2020 година.