Fuat Kabakcı
24 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
ПЕКИНГ (АА) - Во Кина е формиран тим од 14 експерти кои ќе работат на ставање под контрола на новиот тип на коронавирусот (2019-nCov), јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за индустрија и технологија на Кина соопшти дека е формиран тим на експерти за да се спречи ширењето на новиот коронавирус кој се појави во Вухан.
Екипата, меѓу останатото, ќе ја истражува трагата на вирусот, неговата преносливост, начините на откривање на заразата, но ќе работи и на развивање на вакцина.
Тимот ќе го предводи Џонг Наншан, научник познат по борбата против епидемијата на тешкиот акутен респираторен синдром (SARS), кој во Кина изби во 2003 година.
Воедно, Националната здравствена комисија соопшти дека во Вухан, во кој е евидентирана епидемијата на вирусот 2019-nCoV, ќе биде изградена болница со илјада кревети.
Кажано е дека болницата ќе биде изградена врз принцип на онаа во Пекинг која во 2003 година беше изградена за една недела.
Планирано е болницата да биде изградена до 3 февруари, а ќе се простира на површина од 25.000 квадратни метри.
Исто така, значајни туристички знаменитости во Пекинг, меѓу кои се Забранетиот град, Националната библиотека и Националниот музеј на уметност на Кина, ќе бидат затворени за посети.
Кинеските медиуми јавуваат дека досега јавниот превоз е запрен во 13 градови во покраината Хубеи.
Особено строги мерки против ширењето на епидемијата ќе бидат преземени во Шангај, а меѓу нив се контролите на сите влезови и излези од градот. Привремено ќе бидат откажани низа активности на кои требаше да присуствуваат голем број луѓе.
Како последица на заразата со коронавирусот починаа 26 лица. Кинеските официјални претставници потврдија дека се заразени најмалку 881 лице.