Halil Fidan
30 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
АЛЕПО (АА) - ХАЛИЛ ФИДАН - Во Џарабулус, кој во рамките на операцијата „Штитот на Еуфрат“ беше исчистен од терористичката организација ДАЕШ, Министерството за здравство на Турција отвори болница, што им влеа надеж на Сиријците, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на операцијата „Штитот на Еуфрат“, којашто ја започнаа заедничките специјални единици на турските вооружени сили и коалициските воздухопловни сили на северот од Сирија, во соработка со Умерената сириска опозиција, по расчистувањето на Џарабулус од терористичката организација ДАЕШ, со помош на Турција се подобруваат здравствените услуги во градот, односно структурата на медицински установи.
Со поддршка на Министерството за здравство на Турција, болницата во Џарабулус, во која работат стотина лица, неодамна почна да дава здравствени услуги. Освен луѓе од Џарабулус, во болницата доаѓаат Сиријци и од останатите градови, а тука во безбедни услови можат да добијат медицински третман.
Во болницата Сиријците добиваат квалитетни лекарски услуги, а сериозно болните со амбулантни возила се испраќаат во Турција.
- „Болницата е подготвена така што да одговори на сите потреби“ -
Раководителот на одделот за меѓународни односи и службите за итни случаи на Министерството за здравство на Турција, Мухамед Бајрам, за дописникот на АА изјави дека во многу кус период успеале училишната зграда да ја претворат во болница.
Со цел на Сиријците да им се даде колку што е можно подобра здравствена услуга, раководителот на одделот за меѓународни односи и службите за итни случаи, Бајрам, изјави:
„Од отворањето на болницата, започнавме да даваме услуги на полето на акушерство, педијатрија, интерна медицина, општа хирургија и ортопедија. По отворањето на болницата, службата за прва помош дневно прима околу 130 пациенти, а има капацитет за 200 пациенти“.
- Болните ѝ се благодарни на Турција -
Мухамед Абдулџарад, кој доаѓа од градот Деир ез-Зур, изјави дека подолго време има големи проблеми поради болките во бубрезите, бидејќи во подрачјето претходно немало болница. „Откако слушнав дека тука е отворена болница, веднаш дојдов заедно со мојата сопруга и со децата. Фала му на Господ, бев прегледан. Се надевам дека наскоро ќе оздравам. Господ нека ги благослови Турците“, рече Абдулџарад.
Емине ел-Ферах, која во болницата пристигнала за лекување на ќерка си, која од бомбардирањата била ранета во ногата, изјави дека им се заблагодарува на турските власти кои секогаш им излегуваат во пресрет.