Turgut Alp Boyraz
30 Септември 2016•Ажурирај: 01 Октомври 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Поранешниот израелски претседател, Шимон Перес е погребан денес во западен Ерусалим, во присуство на голем број лидери и официјални претставници од целиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
Перес почина во 93-тата година, по претрпен мозочен удар на 13 септември оваа година. На погребот, кој е одржан во Ерусалим, присуствуваа околу илјада луѓе, меѓу кои беа и американскиот претседател Барак Обама, палестинскиот претседател Махмуд Абас, претседателот на Франција, Франсоа Оланд, како и поранешниот американски претседател Бил Клинтон и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Израелската полиција затвори неколку патишта во западен Ерусалим и преземени се опсежни безбедносни мерки. Илјада полицијаци беа распоредени на улиците.
Она што привлече големо внимание во јавноста е ракувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Абас. Говор одржаа Нетанјаху, израелскиот претседател Рувен Ривлин и Обама.
Обама изјави дека доаѓањето на погребот на Абас било потсетник на недовршеното прашање за мирот.
Нетанјаху изјави дека тој и Перес, откако биле политички спротивници, станале многу блиски пријатели.
Перес е погребан на гробиштата на планината Херцл.
Перес беше на чело на Израел од 2007 до 2014 година, а должноста премиер на земјата ја извршувал двапати. Доби Нобелова награда за мир во 1994 година со Јицак Рабин и Јасер Арафат за мировните преговори што ги водел како министер за надворешни работи.