Sibel Uğurlu
16 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
САНА (AA) – Најмалку 11 луѓе загинаа, додека 19 се повредени во синоќешниот напад на болницата на „Лекари без граници“ (MSF) во Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Медицинската хуманитарна група на својот профил на Твитер објави дека борбените авиони ја бомбардирале болницата во подрачјето Абас, во северната покраина Хајех, како и дека координатите и мапата со точната локација на објектот се испратени до коалицијата предводена од Саудиска Арабија и до другите завојувани страни во Јемен, во обид да се спречат евентуалните напади во иднина.
Прохускиот телевизискиот канал „Ал-Масира“ соопшти дека нападот на болницата го извршиле силите на саудиската коалиција.
Воздушниот напад синоќа дојде само два дена откако десет деца се убиени во нападот на училиште во Јемен каде што се наоѓа упориштето на групата Хуси. Според наводите на „Лекари без граници“, во тој напад во областа Хајден, во провинцијата Саада, повредени се 28 деца.
Саудиските медиуми во саботата соопштија дека во нападите на провинцијата Саада, убиен е еден од лидерите на Хусите.
Јемен е во граѓанска војна од крајот на 2014 година, кога Хусите и сојузничните сили на поранешниот претседател Али Абдулах Салех го заземаа градот Сана и другите провинции, поради што претседателот Абд Рабух Мансур Хади и неговата влада што ја поддржува Саудиска Арабија избегаа во Ријад.
Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа голема воена акција во Јемен, во март 2015 година, чија цел беше преземање на власта од Хусите и враќање на претседателот Хади.
Обединетите нации посредуваа во мировните преговори меѓу Хусите и јеменската Влада, но тие пропаднаа минатата недела во Кувајт.