Ivana Ramadanova
14 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Дваесетгодишна Авганистанка се породи на пат кон гевгелиската болница, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека вчера околу 05:30 часот во близина на раскрсницата Богданци од страна на полицијата е откриена група од осум мигранти, меѓу кои три малолетни деца, две жени и тројца мажи. Авганистанката Ф.Х. (20) се пожалила на јаки породилни болки и побарала медицинска помош по што била пренесена кон Гевгелија. Околу 06:25 часот во близина на Богданци пристигнале медицински лица од Црвен Крст и екипа од Брза Помош-Гевгелија.
„Бремената жена била преземена од лекарите од Брза Помош-Гевгелија и по пат до болница родила машко дете. Жената со новороденчето се сместени во ЈЗУ Општа Болница Гевгелија, додека останатите лица од групата, со кои била во семејно сродство, од страна на полицијата се пренесени во Прифатниот транзитен центар Гевгелија”, се вели во соопштението од МВР.
Инаку на територијата на Македонија во изминатите 24 часа се откриени вкупно 47 мигранти, од кои 39 во атарот на радовишкото село Дамјан, а осум во близина на граничниот премин Стар Дојран.
Во центарот на село Дамјан околу 12:00 часот од полицијата било пронајдено напуштено комбе „Рено Мастер“ со скопски регистерски ознаки, чиј возач избегал од местото на настанот. Еден час подоцна во атарот на селото на стариот земјен пат за село Пугулево кај месноста викана „Бунар“ биле пронајдени вкупно 39 мигранти од Сирија од кои 21 маж, 10 жени и 8 деца.
Лицата биле приведени, а по наредба на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се пренесени во Прифатниот центар на РЦ за ГР Север и Прифатниот центар-Гевгелија.