Burak Bir
22 Август 2021•Ажурирај: 23 Август 2021
АНКАРА (АА) - Авганистанка се породи во американски воен авион за евакуација, роди девојче веднаш откако авионот слета во американската воздухопловна база во Германија, соопштија Американските воздухопловни сили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во серија твитови денес, Командата за воздухопловна мобилност соопшти дека кај жената се појавиле компликации кога започнала да се пораѓа во транспортниот авион Ц-17.
Поради тоа, „командантот на авионот одлучи да се спушти на височина за да го зголеми воздушниот притисок во авионот, што помогна да се стабилизира и да се спаси животот на мајката“.
Летот беше од привремена база на Блискиот Исток до Воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија.
По слетувањето, персоналот од 86. Медицинска група на Воздухопловните сили помогна во породувањето на бебето во делот за товар на авионот.
Девојчето и мајката подоцна се пренесени во блиската медицинска установа и се во добра здравствена состојба.
Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан по преземањето на Кабул на 15 август, кога претседателот и другите високи функционери ја напуштија земјата.
Неочекуваното преземање на моќта предизвика хаотичен наплив за бегство од Авганистан. Земјите ги евакуираат своите државјани, дипломатите и одредени Авганистанци кои работеа заедно со западните сили и стравуваат за нивната безбедност. Голем број луѓе се собираат секојдневно на аеродромот во Кабул со надеж дека ќе им биде дозволено да ја напуштат земјата.