свет

Лавров: „Ги повикуваме земјите од соседството на Авганистан да го спречат военото присуство на САД и НАТО“

„Време е да се започне со мобилизација за собирање средства за финансиска, економска и хуманитарна помош за Авганистанците.“

Ali Cura  | 27.10.2021 - Обновена : 28.10.2021
Лавров: „Ги повикуваме земјите од соседството на Авганистан да го спречат военото присуство на САД и НАТО“

МОСКВА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ги повика земјите од соседството на Авганистан да не дозволуваат распоредување воени сили на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО на нивна територија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Лавров испрати видеопорака на состанокот на земјите од соседството на Авганистан, кој се одржува во Техеран, главниот град на Иран. На состанокот учествуваат Русија, Кина, Иран, Пакистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.

Наведувајќи дека терористите од Авганистан се обидуваат да влезат во соседните земји криејќи се под маската на бегалци, Лавров рече дека предуслов за враќањето на Авганистанците дома е воспоставувањето нормални услови за живот во Авганистан.

Потсетувајќи дека силите на САД и НАТО планираат да се распоредат во соседните земји по напуштањето на Авганистан, Лавров рече: „Уште еднаш ги повикуваме земјите од соседството на Авганистан да го спречат военото присуство на силите на САД и НАТО кај нив.“

- „Време е за мобилизација за да им се помогне на Авганистанците“ -

Рускиот министер нагласи дека за воспоставување национален образовен и здравствен систем и ефективна социјална и економска инфраструктура ќе бидат потребни огромни финансиски трошоци. „Во овој контекст, би сакал да нагласам дека оние кои ја доведоа земјата до оваа состојба треба да ја сносат главната одговорност. Според тоа што може да забележиме, време е да се започне со мобилизација за собирање средства за финансиска, економска и хуманитарна помош за Авганистанците.“

Лавров ја истакна надежта дека западните земји зад себе ќе ја остават навиката „да организираат конференции за организирање конференции“ и нагласи дека Обединетите нации (ОН) треба да се координираат за да се направи конкретна работа за помош на Авганистан.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.