Zuhal Demirci
22 Август 2021•Ажурирај: 23 Август 2021
ЛОНДОН (АА) - Британското министерство за одбрана објави дека при обид за влез на аеродромот во Кабул животот го изгубиле седум авганистански цивили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оттаму истакнаа дека седумте цивили смртно настрадале во метежот во близина на аеродромот во Кабул, каде што се собираат Авганистанците кои се обидуваат да ја напуштат земјата откако е преземена од талибанците.
„Ситуацијата на теренот сè уште е исклучително предизвикувачка, но правиме сè што можеме за да ја менаџираме ситуацијата колку што е можно подобро“, објави Министерството за одбрана.
- Процесот на талибанска доминација во земјата -
Во рамките на мировниот договор постигнат меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и талибанците во февруари 2020 година, процесот за повлекување на меѓународните сили од Авганистан започна годинава.
Продолжувајќи ги преговорите со авганистанската Влада во Доха, талибанците истовремено од јуни ја преземаа контролата врз провинциите и градовите во Авганистан.
Во Кабул, каде што талибанците ја презедоа контролата на 15 август, илјадници Авганистанци и понатаму чекаат пред влезот на аеродромот „Хамид Карзаи“ со надеж дека ќе ја напуштат земјата.
Голем број Авганистанци, меѓу кои и стари лица, жени и деца, чекаат веќе шест дена да им биде дозволен влез на аеродромот, на чиј влез се поставени бетонски барикади и бодликава жица.