Sayed Khodaberdi Sadat
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
КАБУЛ (АА) - Најмалку пет лица загинаа во бомбашки и оружен напад на куќа на претставник во авганистанскиот Парламент во Кабул, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјални лица од полицијата на Авганистан соопштија дека синоќа тројца напаѓачи во Кабул извршиле бомбашки, а потоа и оружен напад врз куќата на парламентарецот Мир Вели во Кабул.
Првиот напаѓач самоубиец активирал експлозив на себе пред влезот на куќата, а потоа двајца вооружени напаѓачи влегле во куќата и отвориле оган.
Во нападот се убиени тројца членови на обезбедувањето на пратеникот Вели, и две лица од неговото семејство.
Авганистанската полиција рано утринава ги неутрализираше напаѓачите.
Нападот е извршен во моментот додека во куќата се одржувал состанок на високи локални официјални лица.
Талибанското движење презеде одговорност за нападот, а портпаролот на милитантската група, Забихулах Муџахид тврди дека во нападот се убиени најмалку 20 лица.