Zuhal Demirci
19 Октомври 2021•Ажурирај: 20 Октомври 2021
ЛОНДОН
Британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека климатската криза е многу полоша од пандемијата на Ковид-19 и дека приватниот сектор треба да потроши „трилиони“ за борба против климатската криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Борис Џонсон на „Глобалниот инвестициски самит“ што се одржува во Научниот музеј во главниот град, Лондон, им се обрати на лидерите од светот на бизнисот. На самитот учествува и Бил Гејтс, основачот на технолошката компанија „Мајкрософт“.
Џонсон, во својот говор овде, изјави дека приватниот сектор треба да потроши „трилиони“ за борба против климатската криза и ја посочи важноста на Владата да работи со приватниот сектор и меѓународните организации за управување со пазарот на зелена технологија.
Изјавувајќи дека појавата на Ковид-19 покажала како владите и приватниот сектор треба да работат заедно за надминување на глобалните проблеми, Џонсон рече дека тоа е лекција што треба да се примени во борбата против климатските промени.
Џонсон исто така додаде:
„Се соочуваме со уште поголем предизвик за човештвото, (климатските промени) го загрозуваат нашиот начин на живот и се многу полоши од Ковид-19. За само неколку недели, светот ќе се собере во Глазгов (26-та Конференција на страните од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени). Се надевам дека сите ќе бидете таму затоа што лекцијата од Ковид-19 е апсолутно јасна. Треба да ги слушаме научниците. Потребен е итен одговор на владата, но исто така треба да ги мобилизираме и пазарите. Треба да го вклучиме и приватниот сектор. Со одобрување на канцеларот (министер за финансии на Обединетото Кралство, Риши Сунак) можам да одвојам милијарди. Но, вие што сте тука можете да одвоите трилиони за ова.“
- Партнерство од 400 милиони фунти за справување со климатската криза
Од друга страна, соопштено е дека ќе биде воспоставено партнерство од 400 милиони фунти помеѓу непрофитната институција „Брејктру енерџи“ на Бил Гејтс и британската Влада за намалување на трошоците за зелена технологија и инвестирање во справување со климатската криза низ Велика Британија.
Бил Гејтс во изјавата во врска со темата рече: „Нашето партнерство со Обединетото Кралство ќе го забрза распоредувањето на овие критични климатски решенија и ќе помогне да бидат подостапни. Постигнувањето нулта емисија на штетни гасови ќе овозможи да се заменат производите со висока емисија што ги користиме денес.“