Aslı Aral
03 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
ЛОНДОН (АА) - Парламентот на Велика Британија синоќа изгласа одобрување за вклучување на таа земја во воздушните операции против терористичката организација ДАЕШ во Сирија, а непосредно по тоа британските воени бомбардери изведоа два жестоки воздушни напади на терористичките позиции во Сирија, јавува Anadolu Agency (АА).
Британското Министрество за одбрана соопшти дека четри Торнадо бомбардери, на британските воздушни сили, синоќа полетале од базата на Кипар, од кои два ги извеле првите напади во Сирија и во базата се вратиле утринава во 3:00 часот по локално време.
Денес се очекува и ново соопштение на Министерството со детали за гаѓаните цели.
Во воздухопловната база во Кипар, Велика Британија од минатата година има осум авиони од типот Торнадо кои досега ги користеше за коалициските напади во Ирак. Поради вклучувањето и операциите во Сирија, британските власти најавија зголемување на својата воздухопловна флота во таа база.
По 11-часовна расправа во Долниот дом, британскиот парламент синоќа со 397 гласови за и 223 против го изгласа одобрението за почетокот на воздушните напади во Сирија.