Ekipa
08 Јануари 2021•Ажурирај: 10 Јануари 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, изјави дека вакцините против Ковид-19 произведени во Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија се забранети во Иран, нагласувајќи дека тој не верува во нивната ефикасност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој ги даде своите забелешки во телевизиски говор по повод одбележувањето на 42-годишнината од востанието против поранешниот владетел на Иран, Реза Шах Пахлави.
Хаменеи изјави дека со официјалните претставници веќе зборувал за својата загриженост во врска со увозот на вакцините против Ковид-19 на САД и Велика Британија во Иран.
Тој иницира прашања во врска со ефикасноста на вакцината на „Фајзер“, произведена во Велика Британија, велејќи дека доколку вакцината била ефикасна, дневниот број на смртни случаи како последица на вирусот немало да достигне 4.000.
Лидерот на Иран изјави дека тој не верува на вакцините од овие земји, тврдејќи дека тие често сакаат да ги тестираат овие вакцини на луѓе во други земји за да ја проверат нивната ефикасност.
Понатаму додаде дека не е многу оптимистичен ни во врска со француската вакцина и дека претпочита домашно производство на вакцина или увоз од земјите кои ги смета за доверливи.
Тој ги даде своите забелешки откако Владата во Иран најави дека напорите за увоз на вакцините од странство се во тек, откако се надминати некои пречки кои биле создадени како последица на санкциите на САД.
Гувернерот на иранската Централна банка, Абдолнасер Хемати, минатиот месец изјави дека е направен првичен договор за трансфер на пари за купување вакцини, без да го специфицира изворот на вакцината. Тој изјави дека банката одвоила 200 милиони евра (244.7 милиони долари) за купување на вакцината во оваа фаза.
Потоа следуваа забелешките на претседателот Хасан Рухани дека земјата најпрво се фокусира кон домашно производство на вакцина, потоа соработува со други земји за производство на вакцина и на крај ја купува од СЗО.
Минатата недела, првата фаза од испитувањата кај човекот на домашната иранска вакцина против Ковид-19 започна со тројца волонтери, откако на испитувањето се пријавија над 20.000 волонтери.
Забраната за американските и британските вакцини во Иран е донесена по извештаите дека можеби ќе бидат потребни месеци за масовно производство на домашна вакцина во земјата и пред таа да стане достапна за луѓето.
И покрај тоа што во последните неколку недели, новите случаи и смртни случаи имаа значителен пад, здравствените власти предупредија да не се престанува да се внимава.
Оваа недела во Иран се регистрирани два случаи на заразување со новата варијанта на коронавирусот, откако двајца Иранци кои се вратиле од Велика Британија биле со позитивен резултат од тестирањето.
Еден здравствен експерт вели дека одлуката за забрана за внесување вакцини во САД и Велика Британија „може да им нанесе дополнителен товар на здравствените работници во земјата вклучени во домашното производство на вакцината“.
„Идејата беше дека сè додека домашната вакцина не стане подготвена за масовна употреба, Иран да може да користи вакцини увезени од странство“, изјави за АА здравствен експерт кој се занимава со пациенти позитивни на Ковид-19.
Друг експерт рече дека вакцините произведени во странство треба да бидат дозволени бидејќи земјата веќе надминала три брана на вирусот, а четвртиот може да се појави во секое време.
„Иако бројот на случаи значително опадна, секогаш постои закана за опасност“, рече експертот, кој сакаше да остане анонимен. „За да спречите друг бран, одговорот треба да биде брз, а увозот на вакцини од странство треба да биде дел од одговорот.“