Yusuf Hatip
05 Септември 2019•Ажурирај: 08 Септември 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) истакна дека Асадовиот режим и неговите сојузници треба да ги запрат нападите врз цивилната инфраструктура во северниот дел на Сирија и дека овие напади под ниту еден услов не може да бидат оправдани, јавува Anadolu Agency (AA).
Од кабинетот на портпаролот на Европската комисија за АА соопштија дека судирите во северниот дел на Сирија се зголемени на шокантен начин.
Во ова соопштение се укажува на изјавата на Обединетите нации (ОН) кои соопштија дека од почетокот на операцијата која беше започната пред четири месеци во Идлиб од страна на силите на сирискиот режим и Русија, досега смртно настрадале над 1.000 цивили.
Исто така, се вели дека сирискиот режим и неговите сојузници продолжуваат со загрижувачките напади врз цивилната инфраструктура, во која се вклучени училишта и здравствени центри. Се упатува предупредување дека треба да се стави крај на овие напади.
Во соопштението се вели дека судирите во Сирија резултирале со голем број жртви и дека сирискиот народ претрпел многу страдања.
„Нападите кои се вршат без да се врши разлика, како и рушењето на цивилната инфраструктура, под ниту еден услов не може да се оправдаат. Сите конфликтни страни ги потсетуваме дека треба да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и дека хуманитарната помош треба да им се достави на сите цивили без да се става некоја пречка. Очекуваме сирискиот режим и земјите гаранти од Астана веднаш да ги исполнат нивните обврски и ветувања и итно да се заштитат цивилите. Го повторуваме ставот на ЕУ дека сите сторители на воени и хуманитарни злосторства треба да одговораат за тоа“, се наведува во ова соопштение, во кое се додава дека решение за оваа состојба не може да се изнајде преку воен начин.