Fatih Hafız Mehmet
15 Октомври 2019•Ажурирај: 16 Октомври 2019
БУДИМПЕШТА (АА) - Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денеска изјави дека Унгарија ќе соработува со Турција во врска со безбедносната зона во Сирија која ќе овозможи враќање на бегалците, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Доколку Турција формира безбедносна зона во Сирија за да обезбеди враќање на семејствата кои ја напуштија Сирија, на Унгарија ќе ѝ биде задоволство да соработува со Турција“, изјави Петер Сијарто за унгарските државни медиуми во Азербејџан, каде што учествува на Самитот на Туркискиот совет.
Осврнувајќи се на операцијата на Турција „Извор на мирот“ во северна Сирија, Сијарто изјави дека доколку Турција го реши сирискиот бегалски проблем во Сирија, тоа ќе биде во согласност со унгарските интереси.
„Унгарија ја блокираше заедничката декларација на ЕУ во врска со операцијата“, рече тој претходно.
„Во Турција се наоѓаат околу 4 милиони илегални мигранти и бегалци. Турција работи на овозможување нивно враќање“, изјави Сијарто.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турските граници и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара сака да ја исчисти северна Сирија, подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.