Gözde Bayar
05 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
ШАНЛИУРФА (АА) - Турските и руските сили започнаа со втората заедничка патрола источно од реката Еуфрат, како дел од договорот во Сочи за северна Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во рамките на договорот постигнат со Руската Федерација во Сочи на 22 октомври 2019 година, втората заедничка патрола започна со учество на турските и руските воени елементи и беспилотни летала во регионот Ајн ал Араб [Кобани] источно од Еуфрат“, соопшти Министерството на Твитер.
Турските и руските трупи ќе ги извршат патролите источно од Ајн ал Араб и западно од Тал Абјад.
На 1 ноември, воениот персонал на Турција и Русија ја изврши првата заедничка копнена патрола, која траеше четири часа.
Заедничката патрола на Турција и Русија се случи во северна Сирија на 40 километри источно од Рас ал Ајн и 30 километри западно од Камишли.
По патролата, турскиот воен персонал се врати на турско-сириската граница.
Рас ал Ајн и Тал Абјад беа расчистени од терористите за време на турската операција „Извор на мир“, која беше започната на 9 октомври.
Анкара сака терористите од ЈПГ/ПКК да се повлечат од регионот за да може да се создаде безбедносна зона за да се отвори патот за безбедно враќање на околу 2 милиони бегалци.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.