Nilay Kar
07 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската владејачка Партија на правдата и развојот (АK Parti) ќе поднесе жалба до Врховната изборна комисија за пребројување на гласовите во сите изборни единици во Истанбул, соопшти денес официјален претставник на партијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за новинарите во Истанбул, потпретседателот на Партијата на правдата и развојот, Али Ихсан Јавуз, рече: „Досега се изброени само 70 отсто од неважечките гласачки ливчиња.“
„Постои организирана нерегуларност, организирана злоупотреба тука“, додаде тој.
Според неофицијалните резултати, кандидатот на главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), Екрем Имамоглу, предводи во трката за градоначалник на Истанбул со 48,79 отсто од гласовите, по кого следи Бинали Јилдирим од владејачката АК Партија со 48,51 отсто од гласовите.
Сепак, АК Партијата вели дека пребројувањето може да ги промени резултатите.
Милиони турски гласачи го искористија своето граѓанско право и гласаа на локалните избори во Турција кои се одржаа минатата недела.
Според неофицијални резултати, АК Партијата води во 15 општини на метрополи (поголеми градови) и во 24 помали градови.