Балкан

Кара: „Целта на операцијата е спасување на сирискиот народ од суровоста на терористите“

Турската амбасадорка Кара говореше за лажните вести на социјалните мрежи во врска со операцијата „Извор на мирот", неправдата на која е изложена Турција, како и за ставот на меѓународната заедница во оваа насока

Seyyid Emin  | 16.10.2019 - Обновена : 18.10.2019
Кара: „Целта на операцијата е спасување на сирискиот народ од суровоста на терористите“ (Foto: Seyyid Emin/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, во врска со операцијата „Извор на мирот“, која има за цел оневозможување на формирањето терористички коридор долж јужната граница на Турција и обезбедување мир и спокојство во регионот, истакна дека конечната цел на оваа операција е да се спаси сирискиот народ од суровоста на терористите, јавува Anadolu Agency (AA).

Кара во Скопје одржа прес-конференција на која пред медиумите говореше за лажните вести на социјалните мрежи, неправдата на која е изложена Турција, како и за ставот на меѓународната заедница во оваа насока.

„Конечната цел на операцијата „Извор на мирот“, која ја започнавме на 9 октомври 2019 година против мултидимензионалните терористички закани предизвикани од Сирија кон нашата национална безбедност, осигурување на безбедноста на нашите граници, неутрализирање на терористите на ПКК/ПЈД/ЈПГ, кои убија 40.000 наши луѓе, спречување на повторното активирање на тероризмот на ДЕАШ, како и спасување на сирискиот народ од суровоста на тероризмот“, рече Кара.

Според амбасадорката, операцијата се темели на правата на Турција кои произлегуваат од меѓународното право, правото на самоодбрана, и се реализира во согласност со начелата на Повелбата на Обединетите нации (ОН) и резолуциите на Советот за безбедност кои се однесуваат на борбата против тероризмот, и се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.

„Нашата загриженост во врска со теророт на ПЈД, ЈПГ и ПКК во североисточниот дел на Сирија, и легитимните очекувања во оваа насока повеќепати ги споделивме со сите земји сојузници, пред сѐ со САД, и е вложен секаков вид напор за да се најде дипломатско решение за да се отстрани нашата загриженост за безбедноста во источниот дел на Еуфрат, и со цел да се формира безбедносна зона. Во сите наши средби нагласивме дека нема да се двоумиме во користење на нашето право за самоодбрана кое произлегува од меѓународното право“, истакна таа.

Кара говореше и за штетите кои елементите на терористичката организација ПЈД/ЈПГ ги предизвикуваат за Турција и за локалното население. Таа рече дека исто како и во претходните операции, и во оваа операција се таргетираат позиции, засолништа, оружја, возила и опрема на терористичките елементи, и дека се преземаат сите потребни мерки со цел да не му се наштети на цивилното население. Според неа, не се таргетираат базите и набљудувачките точки на сојузнуците.

Амбасадорката на Турција истакна дека во рамки на операцијата „Извор на мирот“ неутрализирани биле над 600 терористи на терористичката организација, и дека 24 терористи се предале на безбедносните сили, бегајќи од терористичките организации.

Кара нагласи дека по започнувањето на операцијата, терористичката организација ПЈД/ЈПГ/ПКК реализирала 652 минофрлачки напади во населените места близу границата.

„Во овие напади кои покрај нашите граѓани, ги таргетираа и Сиријците кои се засолнија во нашата земја, беа масакрирани невини цивили меѓу кои и 9-месечно бебе и деца. Имаме цел операцијата да ја продолжиме сѐ додека регионот се исчисти од терористичките елементи, се осигура безбедноста на нашите граници и сѐ додека сирискиот народ се спаси од суровоста на ПЈД/ПКК и ДЕАШ“, додаде таа.

Турската амбасадорка истакна дека имаат за цел да ги поддржат меѓународните напори за раселените Сиријци да се вратат безбедно и доброволно во своите домови, во согласност со меѓународното право и во координација на институциите на ОН.

Според неа, Турција нема за цел да ја менува демографијата на регионот каде што се реализира оваа операција.

Кара рече дека затворениците на ДЕАШ имаат голема важност за Турција која е единствена земја која лице в лице на терен се бори против ДЕАШ, и дека единственото одржливо решение е сите странски борци да бидат прифатени од страна на нивните земји.

Исто така, Кара истакна дека од меѓународната заедница очекуваат да ја поддржи Турција во борбата против терористичките организации, и дека како што било и порано, Турција и понатаму со одлучност ќе ја продолжи својата борба против секоја терористичка организација.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.