Admir Fazlagic
16 Октомври 2019•Ажурирај: 17 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Италија и Велика Британија го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, го соопшти ова на социјалните мрежи.
„Grazie Italia! Уште една ратификација на НАТО Протоколот!“, напиша Шекеринска на својот официјален профил на социјалните мрежи. „Убав ден! И Велика Британија штотуку ја заврши националната процедура за ратификување на нашиот НАТО Протокол! Благодариме!“, објави Шекеринска.
Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, на својот профил на Твитер објави и фотографија со амбасадорката во Обединетото Кралство, Александра Миовска, и информираше дека го потпишал Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.
„Почестен сум што денеска го потпишав Пристапниот протокол за НАТО со амбасадорката Миовска. Со нетрпение очекувам [Северна Македонија] да се придружи на семејството на НАТО и да присуствува на состанокот на лидерите на НАТО во Лондон, за да помогне во промовирањето на меѓународниот мир и безбедност“, објави Раб.
Земјите членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во оваа алијанса на 6 февруари оваа година, а досега 24 земји членки го ратификуваа Протоколот.
За да стане Северна Македонија полноправна земја членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата.