Enes Canlı
15 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
АНКАРА
По започнувањето на операцијата „Извор на мирот“, која Турција ја започна со цел да се уништи обидот за формирање терористички коридор долж јужната граница на Турција и да се воведе мир и благосостојба во регионот, започна и кампања за дезинформирање и манипулации во врска со операцијата. Американскиот ТВ-канал „Еј-би-си“ (ABC) соопшти дека „жали“ што снимката на која се гледаат кадри од презентација на оружје е прикажана како да е изработена во текот на операцијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американскиот телевизиски канал „Еј-би-си“ даде образложение во врска со објавените видеоснимки на моќни експлозии за време на презентација на оружје, кои ги прикажа како да се направени за време на операцијата „Извор на мирот“.
Портпаролот на овој телевизиски канал го упатил образложението преку електронска пошта до информативниот сајт „Гизмодо“, во кое наведува дека „од емитување се отстранети видеоснимките откако се појавило сомнение во однос на нивната точност“, кои наводно потекнувале од сириската граница.
- Снимките ги прикажаа под наслов „Масакр во Сирија“
Американскиот национален информативен телевизиски канал „Еј-би-си“ објави видеоснимки од моќни експлозии при презентација на оружје како да се направени за време на операцијата „Извор на мирот“.
Под наслов „Масакр во Сирија“, ТВ-каналот објави снимки на кои одеше титла „Снимките што ги гледате се од бомбардирањата врз курдските цивили во сириски град од страна на Турската армија. Пристигнуваат вести дека борците кои се поддржани од Турција, спроведуваат страотен зулум против Курдите, кои како сојузник на САД се борат против ДЕАШ“.
Видеоснимките што се користат во веста објавена на „Еј-би-си“ всушност, потекнуваат од една промоција на оружје во САД во 2017 година. Утврдено е дека видеото со експлозиите пред да биде пуштено во етерот, било снимено од мобилен телефон за манипулацијата да биде поадекватна, а потоа измонтирано отстранувајќи ги лицата што го снимиле вистинското видео.