ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ -
Д-р Сакена Јакуби, извршна директорка на Авганистанскиот образовен институт (AIL), која со активностите од областа на образованието и здравството во нејзината родна земја Авганистан, допрела во животот на милиони лица, истакна дека се мотивира од насмевката која се создава на лицата на децата кои останале среде војна, кога тие добиваат можност за образование.
Во периодот кога војната во Авганистан против терористичката организација на Талибанците беше најинтензивна, Јакуби изгради училишта под земја за 30.000 девојчиња, а денес нуди образование за над 350.000 лица низ земјата. Таа со новинарот на Anadolu Agency (АА) разговараше за тешката борба во областа на образованието и за активностите на овој институт.
За Јакуби, која е позната по нејзината борба против затворањето на училиштето во кое студирале девојчиња, од страна на Талибанците во земјата, насмевката која се создава на лицата на децата кога тие добиваат можност за образование, претставува мотивација.
„Затоа постојано работам со деца од 3-месечна возраст до 16-годишна возраст, и верувам во образованието, бидејќи верувам дека образованието им дава моќ, ги зајакнува и им дава статус на жените“, рече Јакуби.
Јакуби нагласи дека во случај мажите и жените да се стекнат со квалитетно образование, тие можат да станат добри лидери и граѓани.
„Мојата земја Авганистан веќе 40 години е во војна, а народот многу страдаше од незнаење бидејќи не се стекна со образование. Ако младите момчиња и девојчиња ги образовате заедно и ги научите за различните начини на живеење, тогаш и тие ќе се менуваат и ќе го менуваат нивниот живот“, додаде таа.
Јакуби истакна дека индивидуите со образование ќе бидат модел за пример за идните генерации, и затоа, рече таа, веќе долги години во Авганистан организира образовни активности.
Таа наглси дека со илјадници млади момчиња и девојчиња продолжува со своите активности.
„Иако продолжува војната, тие се среќни. Кога само една минута сум далеку од нив, тоа ми го повредува срцето. Затоа постојано ги поттикнувам новите млади генерации да бидат трпеливи и да донесат мир во Авганистан, бидејќи војната нема да биде решение. Донесете мир. Младите генерации се единствениот пат да постигнеме мир во Авганистан. Ја почитуваме културата, ја почитуваме традицијата, но треба да бараме мир. Сѐ додека не дојде мир во Авганистан, ќе чувствуваме болка“, додаде Јакуби.
- Ги спречи Талибанците да не го затвораат училиштето -
Јакуби ја раскажа и нејзината борба против затворањето на училиштето во кое студирале девојчиња, од страна на терористичката организација на Талибанците.
„Пред сѐ, ја почитувам мојата култура. Секогаш ја ставам мојата марама. Јас сум муслиманка и го сакам исламот. Исламот е религија на мирот, а не на војната. Оние кои извршија рација во моето училиште, видоа што предавам јас тука. Тука ги учам ученичките за културата, традицијата и истовремено за критичкото мислење. Како резултат на тоа, тие видоа дека сите девојчиња кои доаѓаат во мојот клас носат шамија и дека се добри претставници на исламот. Затоа не можеа да направат ништо друго и не го чепкаа моето училиште“, нагласи таа.
Јакуби рече дека во овој процес внимавала на тоа кој доаѓа во училиштето, и дека странците не ги примала внатре.
Истакна дека во училиштата имаат предавање по читањето на Куранот, како и активности за разбирање за да го научат значењето на стиховите во Куранот.
„Ако го научите Куранот, знаејќи што сака да раскаже, а не само да го научите напамет, ќе видите дека раскажува за човековите права, како и за правата на жените. Кога (терористите) ми рекоа дека не е добро да се образоваат девојчињата, им одговорив дека Куранот вели дека треба да ги образоваме жените, а не да не ги образоваме“, рече таа.
- Апел до младите -
Јакуби, која долги години се бори за образование, упати апел до младите, со зборовите: „Покрај сите пречки и предизвици, бидете силни и работете многу. Бидете искрени. Да ја знаете вредноста на вашата култура, земја и религија. Ако работите за единство, ќе бидете успешни.“
Јакуби, која на највисоко ниво нуди локално образование за популациите кои немаат пристап до образование, ја доби наградата „Educator of the Year“ од страна на иницијативата „TRT World Citizen“, во рамки на „TRT World Forum 2018“.
Таа во 1995 година го основаше Авганистанскиот образовен институт (AIL), со цел да го решава недостигот од образовните и здравствените услуги со кои се соочува авганистанскиот народ по војните и конфликтите кои траат веќе десетици години.
Овој образовен институт директно или индиректно допира во животите на милиони Авганистанци.
Авганистанскиот образовен институт, под водство на Јакуби, ги реализира своите активности како една иновативна организација која им помага на заедниците и индивидуата.
На Јакуби во 2015 година ѝ беше доделена наградата WISE, која ја доби од Мишел Обама, сопругата на поранешниот американски претседател Барак Обама. Во 2005 година беше номинирана за Нобеловата награда за мир.