Adem Demir
07 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турските безбедносни сили и понатаму спроведуваат строги безбедносни мерки и надзор на Конзулатот на Саудиска Арабија во кој на 2 октомври влезе саудискиот новинар Џамал Кашоги и кој оттогаш се води како исчезнато лице, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
Во Турција е покрената истрага за неговото ичезнување, а репортерот на агенцијата „Ројтерс“ (Reuters) вчера изјави дека Кашоги е убиен во Конзулатот откако бил заложник неколку дена.
Вниманието на новинарите пред комплексот на Конзулатот денес го привлекоа четири луксузни автомобили со кои пристигнаа саудиските службеници.
Репортерите од терен јавуваат дека со тие возила во Конзулатот пристигнале саудиските полицајци кои претходно стигнале во Турција.
Конзулатот на Саудиска Арабија на Твитер објави порака во која ги отфрла наводите на репортерот на „Ројтерс“ за убиство на новинарот во конзуларниот комплекс.
Во соопштението се наведува дека безбедносната делегација од Саудиска Арабија вчера допатувала со дозвола на турските институции за да учествува во истрагата за исчезнувањето на саудискиот државјанин Џамал Кашоги.
Според информациите добиени од турските полициски служби, Кашоги на 2 октомври влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул за да добие потребни документи за венчавање, а откако неговата свршеница изјавила дека не може да го исконтактира, турската полиција внимателно ги надгледува сите влезови и излези на Конзулатот.
Турската полиција го истражува случајот, а вчера соопшти дека 15 саудиски државјани и официјални претставници со два авионски лета допатувале во Истанбул и го посетиле саудискиот Конзулат во истиот период кога Кашуги бил внатре.