Zülfiya Yakup
14 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
МИТРОВИЦА (АА) - Со отстранување на бетонските жардинери со зимзелени дрвја започна ревитализацијата на мостот на реката Ибар, што ја дели Митровица на два дела, северен, каде што живеат мнозинство Срби и јужен дел, каде што во најголем дел живеат Албанци, јавува Anadolu Agency (AA).
Планот за ревитализација на мостот е одреден со Бриселскиот договор потпишан во август 2015 година, а градежните активности ќе ги врши фирма ангажирана од страна на Европската Унија.
На почетокот на активностите присуствувше само градоначалникот на jужна Митровица, Агим Бахтири, кој рече дека отворањето на мостот е добро за сите граѓани на Митровица, без оглед на националната припадност, бидејќи тоа ќе го обедини градот, а граѓаните ќе можат слободно да се движат пеш и со автомобили.
„На ова место имаше тони и тони песок, а после е поставен Паркот на мирот, кој јас го нареков паркот на срамот, но дојде време овој мост да се ревитализира”, рече Бахтири пред бројните медиуми кои го следеа почетокот на ревитализацијата.
Градоначалникот на северна Митровица, Горан Ракиќ, кој денес не присуствуваше на почетокот на обновата на мостот, наведе дека, како што е предвидено со договорот, активностите финансирани од страна на ЕУ со околу милион евра ќе траат четири месеци.
Ревитализацијата на мостот првично требаше да започне минатата година а изградбата да заврши во јуни оваа година, но тоа беше одложено поради проблеми околу разграничувањето на двете општини на што инсистираше српската страна, односно официјалните лица на северна Митровица.
Со почетокот на спроведувањето на овој договор, мостот во Митровица ќе стане симбол на нормализирање на односите меѓу заедниците во Косово, се соопштува од Канцеларијата на ЕУ во Косово.
Заедно со градоначалниците, работната група редовно ќе ги следи и ревидира доминантните политички и безбедносни услови во општините во текот и по процесот на обнова.
Косовската полиција, ЕУЛЕКС и КФОР, во согласност со своите мандати, ќе обезбедат сигурна и безбедна средина.