Alperen Aktaş
23 Јуни 2024•Ажурирај: 23 Јуни 2024
ГАЗА (АА) - Повеќемина палестински деца и жени загинаа и се повредени во текот на ноќта во израелските воздушни напади врз два дома во градот Газа.
Очевидци за Анадолу изјавија дека воени авиони бомбардирале две куќи, при што имало жртви и повредени деца и жени, кои биле пренесени во болницата Ал-Мамдани.
„Нашите тимови во гувернерството Газа одговорија на повикот за помош по нападите на израелската окупација на два дома во подрачјата на Ал-Шати и Дабаит во градот Газа“, истакна Цивилната одбрана на Газа.
Оттаму не се дадени дополнителни детали.
Цивилната одбрана на Газа претходно објави дека три тела, меѓу кои две на деца и на една жена, биле извлечени откако израелски воен авион извел напад на дом во градот Газа, со што бројот на загинати во градот се искачи на 43, заедно со десетици повредени.
Махмуд Басал, портпаролот на Цивилната одбрана (Цивилна заштита), за Анадолу изјави: „Израелската војска бомбардираше неколку станбени објекти во кои имаше жители и раселени луѓе од населбите на Газа, убивајќи 40 Палестинци, вклучително и деца и жени, ранувајќи десетици и оставајќи луѓе под урнатините“.
„Воени авиони уништија станбени згради во кампот Ал-Шати, населбите Ал-Туфа, Ал-Шуџаја и Ал-Зејтон во градот Газа“, рече тој.
Базал истакна дека тимовите „работат од утринските часови на потрага по исчезнати луѓе под урнатините на уништените згради и домови со ограничени ресурси“.
Израелската војска потврди дека извела напади врз градот Газа, но тврди дека бомбардирала „два воени објекта кои му припаѓаат на Хамас во Газа.“
Над 37.500 Палестинци се убиени во Газа, повеќето жени и деца, а повеќе од 85.900 се повредени во нападите на Израел од 7 октомври, според здравствените власти.