Hosni Nedim,Çağrı Koşak
23 Јануари 2025•Ажурирај: 24 Јануари 2025
ГАЗА (АА) - Израел 520 пати ги нападна здравствените институции во Појасот Газа во периодот од 7 октомври 2023 година до постигнувањето на договорот за прекин на огнот, известува Анадолу.
Рафат ал-Меџделави, директорот на Здружението за здравје и заедница „Ал-Авда“, на прес-конференција пред болницата Авда даде информации за нападите на Израел извршени врз здравствените институции во Газа.
Истакнувајќи дека израелските сили ги нападнале болниците и здравствените установи во Газа 520 пати во период од над 15 месеци, Меџделави потсети и дека 34 од 38 болници кои биле цел на израелски напади се целосно надвор од функција.
Зборувајќи дека амбулантните возила биле нападнати приближно 100 пати во периодот на израелскиот геноцид, Меџделави истакна дека израелските сили во истиот период привеле 2.260 членови на медицински персонал.
Според извештајот од септември 2024 година подготвен од страна на Блискоисточната опсерваторија за човекови права, намерното исклучување на електричната енергија во регионот ги направи болниците и здравствените центри нефункционални, запирајќи ги здравствените услуги, што довело до смртни случаи.
Палестинското Министерство за здравство во Газа објави дека во текот на 15-месечните израелски напади врз Појасот Газа убиени се 47.107 Палестинци, меѓу кои најмалку 17.841 се деца, а 12.298 се жени, додека 111.147 биле повредени.