Ömer Tuğrul Çam
04 Декември 2020•Ажурирај: 05 Декември 2020
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во врска со односите со Турција, истакна дека не гледа сериозен позитивен потег од Турција и дека тоа е „проблем“, порачувајќи дека целата Европска Унија со Турција треба да воспостави постабилен и попредвидлив однос, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додавајќи дека двете страни се одговорни за тоа, Мишел нагласи дека за да се постигне таа предвидлива врска треба да се работи заедно и дека за тоа ќе се искористат сите канали.
Мишел, на прес-конференцијата на тема „Оценување на изминатата година и очекувањата за идната година“ одговори на прашањето за состојбата во Источниот Медитеран и односите со Турција.
„Мислам дека играта мачка и глушец веќе треба да заврши“, рече Мишел, истакнувајќи дека на Самитот на лидерите на ЕУ на 1 октомври по интензивните разговори за односите со Турција, дале позитивен предлог, и подале рака кон Турција.
Наведувајќи дека медитеранското прашање го разгледувале од аспект на економијата, миграциите и енергетиката, Мишел рече дека за да се постигне напредок во однос на овие прашања, Турција треба да ги запре едностраните активности и „непријателските“ изјави, и да се придржува до меѓународното право.
„Тоа што се случува од октомври не е позитивно. Оттогаш преземени се еднострани активности и давани се непријателски изјави. Во октомври 27 земји донесовме одлука на нашата средба во декември да утврдиме како ќе продолжиме понатаму. Во однос на Турција сакаме стабилност и предвидлив однос. Но, не гледаме сериозен позитивен потег од Турција, и тоа е проблем“, рече Мишел.
На прашањето дали користејќи ја дипломатијата ќе одржи состанок со претседателот Реџеп Таип Ердоган пред Самитот на лидерите на ЕУ од 10-11 декември, Мишел рече:
„Како Европеец јас сум за дијалог. Мораме да воспоставиме дијалог за да управуваме со кризата и да го решиме спорот. Целата Европска Унија сака со Турција да воспостави постабилен и попредвидлив однос. За ова одговорност имаме двете страни. За да се постигне таа предвидлива врска треба да се работи заедно и за тоа ќе се искористат сите канали.“