Recep Canik
01 Март 2018•Ажурирај: 03 Март 2018
НАЈРОБИ (АА) - РЕЏЕП ЏАНИК - Националниот парк „Најроби“ во Кенија се наоѓа во центарот на интерес на љубителите на сафари, бидејќи претставува единствен парк во светот што е лоциран веднаш до градот, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот парк „Најроби“ се наоѓа на 7 километри од главниот град Најроби. Неговото име е „Kifaru Ark“, што според локалниот јазик значи „свето место на носорозите“.
Меѓу широките низини и грмушките акација, овој национален парк е домаќин на голем број видови животни од дивиот свет, а во него живеат и голем број животни што се пред истребување, како што се носорог, лав, леопард, манда, чита, хиена, жирафа и повеќе од 400 видови птици.

Ема Гибсон, Холанѓанка која допатувала на одмор во Кенија, за АА изјави дека се воодушевени од Националниот парк „Најроби“, каде што пристигнала со сопругот и нивните деца.
„До пред 20 минути шетавме во центарот на Најроби и пазаревме, а сега имаме можност да бидеме во парк преполн со лавови и леопарди и одблизу да ги следиме животните, што нè возбудува и претставува многу убаво искуство“, изјави Гибсон.
- Секоја година стотици илјади туристи го посетуваат паркот -
За да го видат дивиот свет, секоја година стотици илјади туристи од сите делови на светот го посетуваат овој национален парк, чија влезница за странци изнесува 43 долари.
Странските и домашните туристи што го посетуваат паркот со сопствени возила или со возила кои имаат отворен кров, имаат несекојдневна можност да ги видат и да ги фотографираат стотиците животински видови.

Паркот може да се посети во период од 6:00 до 19:00 часот, а најголем интерес кај посетителите предизвикува следењето на малубројните лавови и носорози.
Иако постои забрана за лов, сѐ уште има нелегални ловци, поради кои Службата за диви животни на Кенија (KWS) постави вооружено обезбедување што го чува паркот.
Кенија секоја година дочекува милиони туристи, а најголеми приходи остварува од сафари-туризмот. Во земјата со површина од 580.367 квадратни километри, површината од 44.359 квадратни километри или 7,5 отсто од територијата е простор на кој е заштитен дивиот свет.
- Најстар национален парк во земјата -
Националниот парк „Најроби“ е едно од најпопуларните места за следење на животот на дивиот свет во Африка. Во 1946 година паркот е ставен под заштита и претставува најстара природна средина на која се заштитени животните.

Од средината на деветнаесеттиот век, па сè до 1964 година, Кенија е англиска колонија. Кенија ја прогласува својата независност во 1964, по што Националниот парк „Најроби“ прејде под заштита на Кенијците.
Од формирањето на националниот парк досега, тој е цел на нелегалните ловци. Даниел Арап Мои, првиот претседател на Кенија, во 1989 година ја покажа одлучноста за заштита на животот на дивиот свет во паркот, кога безбедносните сили во паркот ги запалија запленетите 12 тони слонова коска.