Selen Temizer,Levent Tok
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Рушевините што останаа од Источна Гута, Сирија, по нејзиното разорување се снимени со снимки од воздух, јавува Anadolu Agency (AA).
Источна Гута пет години е под опсада на силите на сирискиот претседател Башар ал Асад. Со помош на беспилотно летало екипата на АА сними потресни сцени од разурнатата Источна Гута.
Забележан е и чад кој се гледа од различни делови на Дума во Источна Гута, како и уништени куќи, патишта и возила. Беспилотното летало забележа и едно момче како од уништената соба го набљудува разурнатиот град.
Може да се види дека некои луѓе, во моментите кога нема бомбардирање, со мотоцикли се движат низ уништените улици.
Најтажно е местото во ова предградие на Дамаск, каде што во целост е уништена сета инфраструктура, како и минарето на џамијата. Во местото нема ниту еден човек и потсетува на гробишта.
Оружените сили на сирискиот режим на Башар ал Асад и нивните поддржувачи, и покрај одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за едномесечен прекин на огнот, како и петчасовното дневно примирје што го објави Русија, продолжуваат со нападите врз Источна Гута.
Податоците на Цивилната заштита во Источна Гута покажуваат дека во нападите на сирискиот режим од 19 до 27 февруари загинаа 560 цивили, вклучувајќи 107 деца и 76 жени. Во последните две недели беа погодени 22 медицински центри, џамии и дом за деца.
Нападите од воздух и од копно врз Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, се интензивираа во последните две недели.
Нападите од припадниците на режимот, од Русија и од странските терористички групи врз населбите, ги натераа цивилите да бараат спас и засолниште под земја. Голем број жители, поради интензивните напади, се плашат да излезат од засолништата.
Нацрт-резолуцијата за примирјето ја предложија Шведска и Кувајт, а Резолуцијата во Советот за безбедност на ОН беше едногласно усвоена на 24 февруари. Со оваа резолуција е договорено 30-дневно примирје во рамките на кое ќе биде овозможено доставување хуманитарна помош и медицинска евакуација.
Во Резолуцијата е побарано од сите страни прекин на судирите на период од најмалку 30 дена со цел безбедно и непречено доставување хуманитарна помош низ целата земја, и со цел ранетите и болните што се во критична состојба да бидат евакуирани.
Исто така, се бара да се прекине опсадата на Источна Гута, Јармук, Фуи и Кефраја, подрачја што се под опсада на сирискиот режим, во кои владее алармантна хуманитарна криза.
Со договорот во Астана минатата година, Источна Гута беше прогласена за зона без судири. И покрај тоа, режимот на Асад во последните неколку месеци ги интензивираше нападите.
Кризата во тоа подрачје се влошува од ден на ден, а илјадници болни чекаат на евакуација. Голем број деца во Источна Гута починаа поради недостиг на храна и лекови.