Büşra Selvi Öğütcen
22 Јануари 2016•Ажурирај: 23 Јануари 2016
АНКАРА (АА) - Научниците тврдат дека е откриена најстарата масовна гробница за која се претпоставува дека настанала уште во камено време, пред најмалку 10.000 години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Праисториски останки на 27 лица пронајдени се на локалитетот Натарук во Кенија, на 30 километри оддалеченост од езерото Туркан (Рудолфово езеро), во северниот дел на земјата. Во черепот на едно од пронајдените тела сè уште се наоѓала сабја направена од вулканско стакло.
На друго тело е забележана тешка повреда на главата за која експертите велат дека најверојатно настанала од удар на дебел стап.
Исто така, пронајдено е тело на трудница со врзани раце и нозе. Другите жртви кои се пронајдени во гробницата во Кенија имале рани од стрели на черепот, вратот, нозете, рацете и ребрата.
Марта Миразон Лахр, палеонтолог од Универзитетот „Кембриџ”, тврди дека сите овие луѓе најверојатно се убиени за да им биде одземена нивната територија, богата со природни ресурси.
„Станува збор за брутален напад со цел убивање на сите кои биле во состојба да се одбранат и да започнат контранапад. Исто така, убиени се и оние за кои напаѓачите сметале дека нема да им бидат од корист, без оглед дали биле во прашање трудници, деца или стари лица”, рече Миразон.
Нагласи дека најновото откритие упатува на тоа дека луѓето војувале уште од многу поодамна, од она што досега се претпоставуваше.