Levent Tok
19 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
ИДЛИБ (АА) – Во сирискиот град Идлиб, којшто се наоѓа во северозападниот дел на земјата, во близина на границата со Турција, Џејш ул-Фетх, инаку под закрила на опозицијата, ја префрли градската администрација на Идлиб на цивилното население, јавува Anadolu Agency (AA).
Жителите на Идлиб вчера излегоа на гласање, откако Џејш ул-Фетх, која е една од вооружените групи што се под закрила на опозицијата, го предаде управувањето на градот на цивилното население. Групата го држеше центарот на градот под контрола уште од март 2015 година.
На вчерашното гласање беше забележан голем интерес од страна на гласачите кои живеат во централното подрачје на Идлиб и се на возраст од 25 години или постари.
На изборите во центарот на градот, во кој живеат околу 200.000 цивили, за 25 члена на Градското собрание беа кандидирани 85 кандидати.
Според објавените резултати по броењето на гласовите, најголем број гласови добил инженерот по комуникации Шади Зејдани, додека втор според бројот на освоени гласови е студентот на правни науки, Абдулкахр Закур.
Остатокот од членовите на Собранието го сочинуваат инженери, адвокати, доктори, урбанисти, земјоделци, како и студенти.
По овие избори, Џејш ул-Фетх го предаде управувањето со центарот на градот на локалното Собрание, кое беше избрано од страна на народот.
Локалното собрание на Идлиб за почеток ќе ја преземе безбедноста во центарот на градот и општинските услуги. По ова, се очекува Собранието да ги преземе и здравствените установи и останатите услуги поврзани со животот во градот.
Идлиб, кој се наоѓа спроти турскиот град Хатај, беше заземен од страна на опозициските групи во март 2015 година.