Halit Süleyman
24 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
ИДЛИБ (АА) - Најмалку осум лица загинаа а 28 се ранети во воздушните напади на руските авиони на пазар во местото Ериха, во сирискиот град Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на цивилната заштита во Ериха, Абдулкерим Ахрас, за АА кажа дека станува збор за место кое го контролираат силите на сириската опозиција.
„Руските авиони го бомбардираа пазарот. Загинаа најмалку осум, а ранети се 28 цивили. Причинета е голема материјална штета на станбените објекти. Русите продолжуваат со жестоките напади врз цивилните населби, наместо да ги гаѓаат позициите на терористите на ДАЕШ”, рече Ахрас.
Повредените се пренесени во блиските монтажни болници, а спасувачките екипи на Цивилната заштита и волонтерите ги пребаруваат урнатините.
Официјални лица на САД и Русија изминатиов викенд договорија, а сириската влада и опозиција накнадно го прифатија, прекинот на огнот во Сирија, кој на сила би требало да стапи во сабота, 27-ми февруари. Но, бројни аналитичари се на мислење дека тоа примирје најмногу ќе зависи од прекинот на руските воздушни напади.