Ekipa
02 Октомври 2017•Ажурирај: 02 Октомври 2017
КАБУЛ (АА) - Авганистански официјални лица денес потврдија дека десет припадници на нивниот персонал од безбедносните сили загинале во „пријателски“ оган од страна на авганистанските воздушни сили во покраината Хелманд, јавува Anadolu Agency (AA).
Мухамед Омар Звак, портпарол на покраинската влада во Хелманд, за АА изјави дека воздушниот напад се случил синоќа, за време на антитерористичка операција во селото Адам Кан на подрачјето Гришк.
Тој изјави дека во нападот загинале двајца војници на Националниот директорат за безбедност (NDS) и осуммина членови на локалната полиција. Неколкумина други беа исто така повредени, а некои се во критична состојба.
Гувернерот на Хелманд, Хајатула Хајат, изјави дека бил испратен истражувачки тим во областа заради процена на ситуацијата и причините што довеле до инцидентот.
Официјалните лица ја отфрлија можноста за улогата на американските сили во нападот.
Американските сили беа обвинети за убивање на 20 Aвганистанци, припадници на безбедносниот персонал, во сличен „пријателски“ воздушен напад минатиот месец.
Областа Хелманд, која се наоѓа јужно од Кандахар и е колевка на талибанското движење.
Во август, авганистанските национални безбедносни сили (АНСФ), поддржани од воздушните сили на САД, успеаја да ја вратат контролата над подрачјето Нава во Хелманд, една година откако талибанците го зазедоа. Оттогаш, во повеќе делови од областа избиваат крвави судири.