Fatjon Cuka
27 Ноември 2026•Ажурирано: 27 Ноември 2026
Денес во Албанија се одржува Самитот на лидерите од Западен Балкан посветен на Планот за раст на Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.
Претставници од ЕУ и од земјите од Западен Балкан учествуваат на самитот „Реформи, раст, интеграција – заедно кон Европа“, кој се одржува во Палатата на бригадите во Тирана.
Премиерот на Албанија, Еди Рама и министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа ги пречекаа официјалните претставници што учествуваат на самитот, меѓу кои: еврокомесарката за проширување Марта Кос; првиот заменик-премиер на Северна Македонија, Беким Сали; премиерот на Косово, Албин Курти; заменик-претседателот на Народното собрание на Србија, Адем Мавриќ; заменик-министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Јосип Бркиќ; како и заменик-премиерот за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
За време на воведната сесија на самитот премиерот Рама истакна дека средбата служи за процена на напредокот и разгледување на предизвиците што претстојат. Премиерот Рама додаде дека нема апсолутно никакво сомнение оти ова е одлучувачки момент за Западен Балкан.
„Ова, исто така, е мошне одлучувачки момент за секоја од земјите што седат околу оваа маса. Исто така, тоа е одлучувачки момент и за самата Европа. Ние сме исклучително ентузијастички настроени кон почетокот на овој процес што, на некој начин, го поттикна новиот пристап на постепена интеграција“, рече Рама.
Комесарката Кос изјави дека Планот за раст е развиен за да поддржи значајни реформи што носат придобивки за граѓаните и економиите.
„Планoт за раст помага во подготовките за членство во ЕУ. Досега резултатите се различни (во зависност од земјата). Три држави постигнаа добар напредок во реформите, а три не ги искористија целосно понудените можности“, нагласи Кос.
Според Владата на Албанија, се очекува дискусиите да се фокусираат на забрзување на реформите, спроведување на Планот за раст, нови стратегиски приоритети и економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Самитот ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерот Еди Рама и комесарката Марта Кос.