Ekipa
15 Септември 2019•Ажурирај: 16 Септември 2019
ТУНИС (АА) - Партиите од кои доаѓаат кандидатите, како и излезните анкети, покажуваат дека четворица кандидати се издвојуваат по првиот круг претседателски избори што се одржа денес во Тунис, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласачките места во Тунис се затворија во 18 часот по локално време, а неофицијалните податоци покажуваат дека во вториот круг од изборите би можело да влезат професорот по Уставно право Каис Саид, медиумскиот магнат Набил Каруи, кандидатот на движењето „Нахада“, Абдулфетах Моро и поранешниот министер за одбрана Абделкарим Збиди.
Излезните анкети на агенцијата за истражување на јавното мислење „Сигма совет“ покажуваат дека Саид ќе биде кандидат во вториот круг.
Истовремено, неименуван претставник од тимот на Каруи тврди дека тековните податоци покажуваат дека Каруи успеал да опстане во трката за позицијата претседател.
Од друга страна, поранешниот претседател Монцеф Марзуки на социјалните медиуми напиша дека досегашните податоци покажуваат дека нема шанси да влезе во вториот круг и дека ја сноси сета одговорност за неуспехот да ја добие довербата на гласачите.
Врховната изборна комисија на прес-конференција по затворањето на гласачките места соопшти дека излезноста била 45,02 во земјата, и 19,7 отсто во странство.
На изборите одржани во 33 изборни единици во земјата и во странство, гласачите можеа да избираат од вкупно 24 кандидати.
Доколку ниту еден од кандидатите на денешните избори не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, ќе се одржи втор круг избори.