Ömer Aydın
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
СТРАЗБУР (АА) – Планот за економска и политичка помош за Тунис на Европската комисија доби поддршка од Генералното собрание на Европскиот парламент во Стразбур. Комисијата одлучи да ја започне процедурата за „Маршаловиот план“ меѓу ЕУ и Тунис, откако членовите на Парламентот дадоа зелено светло за поддршка од 500 милиони евра, јавува Anadolu Agency (AA).
На Генералното собрание на Европскиот парламент, кое се одржува во Стразбур, вчера беше расправано за поддршката на Тунис, а денес, по гласањето, одлуката беше прифатена. Според донесената одлука, макрофинансиската поддршка од 500 милиони евра за Тунис ќе биде со отворена кредитна стапка, како од ЕУ, така и од меѓународните организации.
Со оваа поддршка, односно, т.н. „Маршалов план“, власта на Тунис ќе ги спроведе стратешките планови за развој за периодот 2016 – 2020 година, а со тоа ќе ѝ се даде поддршка на економската иднина на државата.
Предлогот за помош на Тунис, во Парламентот беше прифатен со 596 гласа „за“, наспроти 59 „против“. Одлуката за формирање заедничка парламентарна комисија меѓу Тунис и ЕУ, вклучувањето на демократските институции и граѓанското општество во Тунис, како и давањето техничка поддршка за нив, беа прифатени со задоволство.
Членот на Европскиот парламент, Италијанецот Фабио Масимо Касталдо, кој го подготви извештајот за одлуката, изјави: „Не е доволна само нашата финансиска поддршка, сега е време да се преземат конкретни мерки. Стабилноста на Тунис значи стабилност за Европа. Туниското општество беше наградено со Нобеловата награда за мир, сега нам ни останува да покажеме солидарност“.