Ala er-Rimavi,Mahmut Geldi
14 Септември 2016•Ажурирај: 15 Септември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) – Министерот за одбрана на Израел, Авигдор Либерман одобрил буџет од 29 милиони долари, за зголемување на безбедноста на еврејските населби, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од Израелското државно радио, Либерман го одобрил буџетот побаран од Моти Јогев, кој е претседател на Комитетот основан во Парламентот за зголемување на безбедноста на еврејските населби на Западниот Брег и во појасот Газа.
„Министерот за одбрана Либерман го одобри буџетот од 29 милиони долари, кои ќе бидат наменети за зголемување на мерките за безбедност на еврејските населби во регионот на Западниот Брег, во појасот Газа, како и во областите околу границата со Либан“, изјави Јогев.
Еврејските доселеници ја обвинуваа израелската Влада за непреземање безбедносни мерки околу подрачјето на Западниот Брег и во појасот Газа.
Во рамките на израелската окупација на Западниот Брег, доселени се околу 400 илјади Евреи, во источен Ерусалим околу 200 илјади, а на планината Голан, на границата со Либан, околу 20 илјади. Сите овие еврејски населби во меѓународното право се сметаат за нелегални.