Mahmut Geldi
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Се дознава дека премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана, Авигдор Либерман одобрија изградба на нови 3.000 станови во еврејските населби на Западниот Брег, кој е окупиран од страна на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за одбрана, Либерман, во своето писмено обраќање соопшти дека одлуката за изградба на 3.000 нови станови на Западниот Брег е донесена со цел да се одговори на потребите на доселениците и да се олесни нивниот живот.
Според веста објавена во израелскиот весник „Једиот Ахронот“, од становите што ќе се изградат во различни делови на Западниот Брег, изградбата на 2.000 живеалишта ќе започне веднаш, а пак останатите 1.000 стана ќе бидат изградени во понатамошните фази.
Премиерот на Израел, Нетанјаху, минатата недела одобри изградба на 2.500 нови станови во еврејските населби на Западниот Брег.
Источен Ерусалим и Западниот Брег од 1967 година се под окупација на Израел. Во Источен Ерусалим се сместени 200.000 еврејски доселеници, додека нивната бројка на Западниот Брег е над 400.000. Според меѓународното право, сите еврејски населби се илегални.