Ekipa
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
СЕУЛ (АА) - Бан Ки-Мун, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, денес изјави дека нема да се кандидира за претседател на Јужна Кореја. Оваа изненадувачка најава ја става настрана од конкуренцијата познатата личност и понатаму ја продлабочува, и онака веќе бурната политичка криза во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Бан, во текот на итно свиканата прес-конференција, рече дека е разочаран од политичкиот естаблишмент во земјата. Тој истакна, без да влегува во детали, дека се обидел да се заложи за решавање на националната криза и постигнување единство, но дека неговиот чист патриотизам и поддршката за спроведувањето на политичките реформи сериозно се нарушени од, како што рече, политичките навреди и лажните вести, чија цел бил тој.
Политичката сцена во Јужна Кореја е погодена од голем скандал што принуди милиони луѓе да излезат на улиците и да бараат заминување на контроверзната претседателка на државата Парк Геун-хе.
Судот моментално разгледува дали да ја прифати смената на Парк или да ја врати на власт. Доколку биде разрешена, претседателските избори, првично планирани за декември оваа година, ќе се одржат во текот на следните два месеца.
Бан на почетокот изразуваше голем интерес за ситуацијата во својата земја по една деценија помината во ОН, што во јавноста е видено како тестирање на политичката сцена пред неговата објава на кандидатурата за претседател.