Selçuk Acar
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура изјави дека мировните преговори за Сирија, планирани за 8 февруари во Женева, се одложени за 20 февруари, јавува Anadolu Agency (AA).
Де Мистура и амбасадорот на Шведска за Советот на безбедност на ОН, Олоф Скоог, по состанокот на Советот за безбедност одржаа прес-конференција на која одговараа на прашања за претстојните преговори.
Скоог, чија земја моментално претседава со Советот за безбедност на ОН, изрази целосна поддршка за работата на Де Мистура во врска со сириското прашање.
Потсетувајќи на преговорите во Астана, тој потврди дека наредниот круг на мировни преговори за Сирија ќе се одржат под покровителство на ОН.
Де Мистура истакна дека мировните преговори, кои беа планирани за 8 февруари во Женева, сепак се одложени за 20 февруари.
„Преговорите се одложени за да се зацврсти договорот што беше постигнат на 30 декември, да му се даде можност на режимот да направи отстапки и да ѝ се даде повеќе време на опозицијата за да ја обедини делегацијата од којашто ќе биде претставувана“, изјави Де Мистура, додавајќи дека на преговорите ќе учествуваат и жени, што претходно не беше случај.
На крајот тој истакна дека примирјето во Сирија е доста ефективно.
Договорот за прекин на огнот во Сирија, постигнат со посредство на Турција и Русија, стапи на сила на 30 декември минатата година.
На мировните преговори за Сирија, кои во Астана се одржуваа на 23 и 24 јануари, Турција, Русија и Иран договорија да се формира трилатерален механизам за надзор на спроведувањето и за кршењето на примирјето.
Мрежата за човекови права во Сирија (СНХР) претходно објави извештај во кој се наведува дека договореното примирје во Сирија во изминатиот месец е прекршено вкупно 366 пати, а најчесто прекршителите се од страна на режимот на Асад и неговата лојална група на странски терористи.