Ekipa
18 Февруари 2016•Ажурирај: 18 Февруари 2016
СЕУЛ (АА) - Официјални лица од Сеул тврдат дека нивната разузнавачка служба дошла до сознанија дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, неодамна дал налог за извршување на „терористички” напади во Јужна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Во денешното телевизиско обраќање на Ким Сонг-ву, високиот јужнокорејски службеник од претседателскиот кабинет, рече дека разузнавачката агенција открила дека Северна Кореја тргнала кон имплементација на наредбите на својот лидер.
Тој истакна дека опасноста од напад од Северна Кореја е поголема од било кога досега и побара брзо усвојување на мерките за борба против тероризмот во парламентот.
Претходно, Националната разузнавачка служба (NIS) од Сеул ги запознала членовите на владеачката партија дека Северна Кореја подготвува напади, слични на оние кои се случувале во минатото. Ова го потврди високо позициониран партиски службеник кој сакаше да остане анонимен.
Според истиот извор, "NIS" смета дека целта на нападите би можеле да бидат анти-Пјонгјанг активисти, дезертери, официлајни лица на владата на Јужна Кореја и владеачката партија Саенури. Се очекува дека би можеле да се случат напади и врз метрото, трговските центри и други јавни места. Функционер на партијата одби да каже како "NIS" дошол до овие информации.
Не се очекува тензиите помеѓу северниот и јужниот дел на корејскиот полуостров наскоро да спласнат. Всушност, Сеул и Вашингтон преговараат за распоредување на софистициран ракетен одбранбен систем на САД во Јужна Кореја како предупредување на Пјонгјанг. Сојузниците, исто така, најавија дека традиционалната воена вежба, планирана за напролет, ќе биде поголема од било кога досега. Министерот за одбрана на Јужна Кореја рече дека во вежбата ќе учествуваат 15.000 американски војници, што е двојно повеќе од вообичаеното.