Ekipa
07 Март 2016•Ажурирај: 08 Март 2016
СЕУЛ (АА) - Јужна Кореја и САД денес ги започнаа најголемите годишни воени вежби досега, наспроти најновите закани кои ги упати официјален Пјонгјанг, јавува Anadolu Agency (AA).
Северна Кореја се закани со „превентивен нуклеарен удар на правдата против Јужна Кореја и САД”, доколку тие две земји ги изведат заедничките воени вежби, соопшти Врховната команда на Народната армија на Кореја.
Како што јавува јужнокорејската агенција "Yonhap", сојузниците ќе вежбаат прецизни напади на севернокорејското раководство и на нуклеарниот и ракетен арсенал на таа земја во случај на војна.
Обемните воени вежби кои започнаа денес, ќе траат неколку недели и во нив ќе учествуваат 300.000 јужнокорејски и 17.000 американски војници.
Во воените вежби ќе бидат вклучени американски носачи на авиони на нуклеарен погон и подморници.
САД има веќе 30.000 лица воен персонал стациониран во Јужна Кореја, но овогодинешните вежби следат како резултат на зајакнатите тензии на полуостровот, откако Северна Кореја објави дека извршила четврто тестирање на нуклеарно оружје, со што предизвика нови санкции од страна на Обединетите нации.
Северна Кореја ги отфрли санкциите на ОН како „неправедни, незаконски и неморални” и се закани дека и понатаму ќе го зајакнува својот нуклеарен арсенал.
Националната комисија за одбрана на Северна Кореја, воените вежби на Јужна Кореја и САД ги нарече „неприкриени нуклеарни воени вежби”, кои се закана за националниот суверенитет на Северна Кореја, заканувајќи се со безрезервен напад.
„Дури и сега да притиснете копче за да го уништите непријателот, сите основи на провокациите за миг би се свеле на море пламен и пепел”, се наведува во соопштението на Комисијата.
Гласноговорникот на Министерството за одбрана во Сеул возврати на предупредувањето дека Јужна Кореја е подготвена „немилосрдно” да одговори.