Atilla Hancı
18 Март 2016•Ажурирај: 20 Март 2016
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја утринава испали две балистички ракети од градот Сукчон, недалеку од главниот град Пјонгјанг, се соопштува од Командата на заедничките сили на Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
Првата ракета "Rodong" паднала во Јапонското Море по пројден пат од 800 километри. Втората ракета, која е испалена 22 минути по првата, од градот Сукчон, по достигнување на висина од 17 километри, исчезнала од радарот.
Воени извори наведуваат дека постои можност втората ракета да експлодирала во воздух.
Инаку, севернокорејските власти тврдат дека ракетата "Rodong" има домет од 1.300 километри. Медиумите наведуваат дека Пјонгјанг со сè почестото лансирање на ракети ѝ се заканува на Јужна Кореја и Јапонија. Се наведува, исто така, дека бројот на војници на заедничката воена вежба помеѓу Јужна Кореја и САД оваа година бил двојно поголем во однос на претходните.
Да потсетиме, Северна Кореја на 6-ти јануари соопшти дека лансирала хидрогенска бомба, по што наиде на осуда од бројни земји, а Советот за безбедност при ОН донесе одлука за заострување на санкциите кон оваа земја.