Islam Uddin
24 Октомври 2025•Ажурирај: 24 Октомври 2025
АНКАРА (АА) – Јужнокорејскиот министер за обединување, Чонг Донг-јонг, денес ги повика севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и американскиот претседател Доналд Трамп да одржат разговори за мир на Корејскиот Полуостров, во пресрет на посетата на Трамп на земјата следната недела, соопштија официјални лица, јавува Анадолу.
Говорејќи на прес-конференцијата во Министерството за обединување, Чонг изјави дека двајцата лидери не треба да ја пропуштат оваа можност за дијалог пред самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), што следната недела ќе се одржи во Јужна Кореја.
„Лидерите на Северна Кореја и на САД не треба да ја пропуштат оваа можност. Време е за одлука“, рече министерот, додавајќи дека евентуалната средба меѓу двајцата би можела да го отвори патот кон мир на Корејскиот Полуостров.
Според планот, претседателот Трамп ќе ја посети југоисточната јужнокорејска област Ѓеонгџу на 29 и 30 октомври.
Во понеделникот Министерството за обединување соопшти дека посетите на селото Панмунџом, кое се наоѓа во демилитаризираната зона меѓу двете Кореи, ќе бидат привремено запрени од крајот на месецот до почетокот на ноември, поради шпекулации дека токму таму би можела да се одржи средба меѓу Трамп и Ким.
Иако засега нема официјална потврда за ваква средба, Пјонгјанг претходно соопшти дека би можел да се согласи на разговори доколку САД го прифатат нуклеарниот статус на Северна Кореја.
Последната посета на Трамп на Јужна Кореја беше во јуни 2019 година, за време на неговиот прв мандат, кога се сретна со Ким во демилитаризираната зона во Панмунџом.
Двајцата лидери претходно одржаа три самити во период од 2018 до 2019 година, првиот во Сингапут, потоа во виетнамската престолнина Ханој, а третиот повторно во демилитаризираната зона.
Во меѓувреме, јужнокорејската армија денес соопшти дека двајца севернокорејски војници накратко ја преминале меѓукорејската граница на 19 октомври. Оваа информација доаѓа еден ден по тврдењата дека околу 20 севернокорејски војници извршиле слична акција истиот ден, по што јужнокорејските сили испукале предупредувачки истрели.