Emre Aytekin
27 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
ПАНМУНЏОМ / АНКАРА (АА) - Челниците на Северна и Јужна Кореја, Ким Џонг Ун и Мун Џае Ин, во рамките на самитот на лидерите на двете земји, кој по десет години се одржува во демилитаризираната зона на границата меѓу двете Кореи, засадија спомен-стебло како симбол на мирот и напредокот, пренесува Anadolu Agency (AA).

Самитот се одржува во селото Панмунџом, а по утринските состаноци Ким се врати на подрачјето што ѝ припаѓа на Северна Кореја. Во попладневните часови севернокорејскиот лидер повторно ја премина воената погранична линија и се состана со Мун.
Во текот на попладневната програма засадија и стебло за кое се надеваат дека ќе биде симбол на мир и просперитет на Корејскиот Полуостров.
Стебло на бор е засадено на линијата на разграничување, а лидерите го залија со вода од севернокорејската река Даедонг и јужнокорејската река Хан. Покрај стеблото е поставена и плоча со имињата на лидерите на двете Кореи и натпис: „Засадуваме мир и благосостојба“.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин го поздрави севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денес кога се состанаа на третиот самит на двете Кореи, кој се случува за прв по 2007 година.
Мун и Ким се ракуваа во прекуграничното заедничко безбедносно подрачје Панмунџом, а потоа лидерот од јужниот дел на Полуостровот го прифати неочекуваниот повик накратко да премине на северната страна.
Потоа лидерите заедно се упатија кон јужнокорејско тло на разговори коишто пред вечерните часови би требало да имаат две сесии.
Од Претседателскиот кабинет во Сеул јасно се даде до знаење дека успешниот самит би можел да значи преземање конкретни чекори кон денуклеаризација на Северна Кореја.
Од друга страна, Ким веќе најави „замзрзнување“ на нуклеарните и ракетни тестирања, а САД очекуваат дека севернокорејскиот лидер ќе отиде и чекор понатаму, доколку сака да бидат симнати глобалните санкции за неговата земја.
Од своја страна, Мун ја славеше промената на Панмунџом од симбол на поделба во симбол на мир. Границата е цврсто чувана до крајот на Корејската војна која траеше од 1950 до 1953 година. Завршена е со прекин на огнот, а не со мировен договор.
Со оглед на тоа дека самитот на двата лидери започна, од Белата куќа искажаа оптимизам дека разговорите ќе донесат напредок кон досега недостижниот мир на Корејскиот Полуостров.
„САД ја ценат блиската координација со нашиот сојузник Република Кореја и очекуваат продолжение на силните разговори во подготовка на планираниот состанок меѓу Доналд Трамп и Ким Џонг Ун во наредните недели“, изјави Сара Сандерс, портпаролката на Белата куќа.